Кина силно ќе се потруди да постигне најдобри можни економски резултати оваа година, јавија државните медиуми по состанокот на високо ниво на владејачката Комунистичка партија, за разлика од претходните повици за исполнување на целта за целосен годишен економски раст.
Во втората половина на 2022 година, Кина треба „да ги стабилизира вработеноста и цените, да ја одржува економијата во разумен опсег и да се стреми да постигне најдобри можни резултати“, јави државната новинска агенција Синхуа по состанокот на партиското политичко биро со кое претседава кинескиот претседател Си Џинпинг на кој тема беше проценката на состојбата во економијата.
Аналитичарите генерално веруваа дека Кина нема да го постигне целниот економски раст од околу 5,5 проценти за 2022 година, што беше претходно предвидено, за прв пат од 2015 година. Економијата од 18.000 милијарди долари оваа година ја погодија мерките за карантини поради пандемијата на Ковид-19, вклучително и целосно заклучување на градовите како Шангај.
Бруто домашниот производ на Кина порасна за само 2,5 отсто на годишно ниво во првата половина од годината, што изврши голем притисок врз втората половина поради загриженоста за глобална рецесија, неизвесноста околу војната во Украина и загриженоста поради повторените прекини на работа поради Ковид.
Си на отворањето на форумот БРИКС на 22 јуни рече дека Кина ќе преземе повеќе мерки за да ги постигне своите годишни економски цели, истовремено намалувајќи го влијанието на мерките за превенција и контрола на Ковид-19 колку што е можно повеќе.
Сепак, за време на посетата на градот Вухан на 28 јуни, тој рече дека Кина „ќе се обиде да постигне релативно добро ниво на економски развој“ оваа година. Согласно тоа, кинескиот премиер Ли Кечијанг на Светскиот економски форум минатата недела изјави дека Кина „ќе се стреми кон релативно добри резултати за економски развој“. (МИА)