понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Кина се подготвува за супер тајфун, потона траект на Филипините, загинаа 25 лица

Кина се подготвува за супер тајфун, потона траект на Филипините, загинаа 25 лица

Моќната бура Доксури повторно доби сила на супертајфун во своето приближување кон југоисточна Кина, откако ги погоди Тајван и северните делови на Филипини со дожд и силни ветришта поради што потона брод и загинаа најмалку 25 луѓе.

Ветровите околу центарот на бурата достигнаа брзина од 187 километри на час, со што Доксури повторно стигна на највисокото ниво на кинеската класификација на тропски бури.

Фериботот потона во близина на филипинската престолнина Манила, откако патниците вознемирени од силните ветрови се упатија на едната страна од бродот и го превртеа.

За време на минување на бурата Доксури долж северниот дел на Филипините оваа недела загинаа 36 лица.

Во јужните окрузи на Тајван,фирмите и училиштата беа затворени поради предупредувања за лизгање на земјиштето и поплави. Сите домашни летови и траектни линии беа прекинати, додека повеќе од 100 меѓународни летови беа откажани или одложени. Запрен е и железничкиот сообраќај меѓу јужниот и источниот дел на Тајван.

Доксури се очекува да ја погоди Кина утре наутро во југоисточната провинција Фуџијан.

Кинеската метеоролошка управа прогнозира дека Доксури ќе биде послаб од тајфунот Меранти во 2016 година, најсилната бура што го погодила кинескиот брег од 1949 година во која загинаа најмалку единаесет луѓе.  (МИА)