За оние кои секогаш се прашувале како би било да се биде патник на „Титаник“, тематскиот парк во Кина ќе го понуди најблиското искуство што може да го добиете.
Масивна копија на потонатиот океански брод сега се гради во округот Даинг во провинцијата Сечуан. Бродот наречен „Неиздржлив Титаник“ е верен на оригиналот – долг е 269,06 метри и широк 28,19 метри.
Централниот дел на тематскиот парк наречен Романдис ќе ги има истите објекти како и неговиот имењак, вклучувајќи сали за банкети, театри, опсерватории и базен. Гостите ќе можат да плаќаат за ноќевање на брод што трајно ќе биде закотвен во реката Киџијанг, на околу 130 километри од главниот град на провинцијата Ченгду – неколку стотици милји од морето.
Датумот на отворање сè уште не е познат.
Си-Ен-Ен првпат извести за проектот во 2016 година, кога градежните работници штотуку започнаа со изградбата на бродот.
Потребни се 23.000 тони челик за да се направи копија на „Титаник“, а бродот, според претходните проценки, ќе чини 153,5 милиони долари.
Кинескиот брод не е единствената предложена реплика на оригиналниот „Титаник“. Пред три години, австралиската компанија „Blue Star Line“ објави почеток на работата на „Титаник 2“. Овој брод беше најавен како идентична копија на првиот „Титаник“, а требаше да има 835 кабини за сместување на 2.435 патници.
Првото патување требаше да се случи во 2022 година, но веб-страницата на компанијата не е ажурирана од 2018 година. Статусот на градба на овој брод е непознат.
Оригиналниот „Титаник“ исплови на своето прво патување од Саутемптон во Англија до Њујорк на 10 април 1912 година.
Во тоа време, тоа беше најголемиот патнички брод. Тој потона за помалку од 3 часа, откако удри во санта мраз, на 14 април околу полноќ. Според извештајот на американскиот Сенат, од 2.223 патници и членови на екипажот, на Титаник животот го загубиле 1.517 лица.