Германија ја стави Македонија на листата со области со висок ризик. Ова се новите правила за влез
Македонија од недела, 16.1.2022 година, повторно ќе биде област со висок ризик за ковид-19, соопштија од германската амбасада во Скопје.
Сојузната влада, почнувајќи од 16.1.2022 година (00:00 ч.), ќе ја класифицира Македонија како област со висок ризик на инфекција со ковид-19. Затоа, сите патници мора да се регистрираат на порталот за влез на Сојузна Република Германија и да ја носат со себе потврдата заради контрола од страна на превозникот или Федералната полиција. Освен тоа, сите патници се должни да заминат директно во предвиденото сместување, веднаш по влегувањето во земјата, и да останат таму цело време (карантин). Не е дозволено да се примаат посетители. Начелно, овој карантин трае 10 дена. Ако поднесете доказ за вакцинација или оздравување преку порталот за влез, карантинот завршува предвреме, во моментот на поднесување. Исто така, може да се направи тест (тест за антигени или ПЦР-тест) најрано пет дена по влегувањето и резултатот може да се испрати преку порталот за влез. За лица под 12-годишна возраст, карантинот завршува автоматски со завршување на петтиот ден по влегувањето, се наведува во соопштението.
Во него е нагласено дека Германија ги признава само вакцините и лиценцираните производи одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Лицата постари од 6 години при влез начелно мора да имаат негативен ковид-тест, доказ за вакцинација или доказ за прележан ковид-19, без оглед на видот на транспортот и без разлика дали претходно престојувале во област со висок ризик или со варијанта на вируси. Начелно ковид-тестовите (антиген или ПЦР-тестови) во моментот на (планираниот) период на влез смеат да бидат максимум 48 часа стари. Доказите може да се побараат од страна на Сојузната полиција или од надлежната служба. Патниците со авион доказите мора да ги достават до превозникот пред поаѓање. Обврската за приложување доказ во врска со ковид важи и за патници кои само транзитираат на некој аеродром во Германија. Ова важи и за нешенген-транзит, т.е. во трети држави надвор од ЕУ како и за транзит во државите на шенген-зоната – истакнуваат од Амбасадата.
Лица над 6 години кои примиле вакцина одобрена во Германија (в. листа на Институтот „Паул Ерлих“) и се целосно вакцинирани смеат да влезат во Германија за сите цели на патување, под услов од последната потребна вакцинација да поминале најмалку 14 дена. На децата под 6-годишна возраст им е дозволено да патуваат во придружба со барем еден целосно вакциниран родител, и ако самите деца не се вакцинирани, стои во соопштението.
Сите други лица без оваа заштита од вакцинација можат да влезат во земјата само ако патувањето е апсолутно неопходно, земајќи ги притоа предвид горенаведените обврски за обезбедување докази и карантин. Одлуката за дозвола за влез ја донесува соодветната гранична полиција. Амбасадата во овој случај не може да даде индивидуални изјави – истакнуваат од Амбасадата.
Оттаму истакнуваат дека на многу места во Германија моментално важат ограничувања на јавниот живот, кои делумно зависат од локалната епидемиолошка ситуација, и може да се променат во секое време. Сојузната влада и сојузните покраини го ограничија пристапот, меѓу другото, кон сместувачките капацитети (особено хотелите), гастрономијата (ресторани, барови, клубови и слично), како и кон рекреативните, културните и спортските настани само на лица кои поседуваат доказ за вакцинација или прележаност („2Г-одредба) т.е. со дополнително приложување негативен тест („2Г плус“) и може да преземат и други ограничувања. Германија начелно ги признава само вакцините и лиценцираните производи одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Освен тоа, делумно се прифаќаат само дигиталните ковид-сертификати на ЕУ и еквивалентните сертификати (важечките сертификати од Македонија се признати од ЕУ како еквивалентни). Со тоа, со други странски сертификати (физички или дигитални) не е можно да се присуствува на одредени места и настани.
Од тие причини, ве замолуваме уште пред да патувате во Германија да се информирате дали вашето патување и активностите што се планирани за време на патувањето се изводливи. Информации во врска со ова може да се најдат на веб-страниците на сојузната покраина во која патувате. Германските амбасади не може да преземат никаква одговорност или советување во овој контекст – се заклучува во соопштението