Американско-талибанскиот мировен договор би можел да биде потпишан овој месец доколку талибанците го намалат насилството и со тоа се овозможи конечно повлекување на американските војници, изјавија денеска авганистански владини извори.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани вчера истакна дека е постигнат голем напредок во преговорите меѓу САД и талибанците во Катар.
Двете страни преговараат во Доха од 2018 година, иако во меѓувреме судирите продолжија со убивање на стотина цивили и војници и откако талибанците ја проширија контролата врз делови во Авганистан.
Американските преговарачи се обидуваат да се договорат со талибанците за значително намалување на насилството во траење од најмалку десет дена без никакво прекршување, истакна западен дипломат.