Во изминатите 24-часа на Кипар се регистрирани 416 нови случаи на Ковид-19, што претставува рекорден број новозаразени во земјата на дневно ниво, а починаа две лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Новите случаи се од 4.347 направени ПЦР тестови, додека пак од 5.105 брзи тестови, позитивни се 127 случаи, меѓутоа не се вклучени во вкупниот број новозаразени, бидејќи праксата на Кипар е резултатот од рапид тестовите, да се провери со ПЦР тест.
Од почетокот на епидемијата, регистрирани се 63 смртни случаи и 12.867 заболени.
Во кипарските болници, хоспитализирани се 126 лица, од кои 20 се во сериозна состојба.
Министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану за кипарската новинска агенција ЦНА изјави дека изминатата седмица беше со најлоша епидемиолошка слика со 2.200 нови случаи, 15 починати и десетици хоспитализирани за само седум дена
– Голема е загриженоста, кога забележуваме дека и покрај преземените мерки, сликата во земјата не е подобрена на посакуваното ниво, рече Јоану.
Минатиот понеделник на Кипар беше воведен полициски час од 21 до пет часот наутро, рестораните и кафулињата работат до 19 часот, затворени се фитнес центри, базените и казина, забранети се јавни собири и протести, во црквите и религиозните храмови дозволени се најмногу 75 лица, додека пак за венчавките, крштенките и погребите, бројот не смее да биде над десет присутни.
Продавниците и моловите, фризерските и козметичките салони, археолошките локалитети и музеите, театрите и галериите се отворени, но согласно здравствените протоколи.
Мерките, планирано е да бидат во сила до 14 декември, а доколку се подобри епидемиолошката слика во земјата, за периодот до 7 јануари 2021 година, ќе има поблаги рестрикции.
Меѓутоа, министерот за здравство на Кипар вели дека епидемиолошките податоци, во овој момент, не дозволуваат олабавување на мерките од следниот понеделник.