Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска за првпат ја свика седницата на проширената вонредна влада, изјавувајќи дека таа го демонстрира националното единство и испраќа порака дома и во странство додека земјата се подготвува да го „урне Хамас“ во Газа.
Состанокот, одржан во воениот штаб во Тел Авив, почна со едноминутно молчење во спомен на 1.300 Израелци убиени во нападот на Хамас на 7 октомври, се гледа од видео материјалот објавен од канцеларијата на Нетанјаху, пренесоа британските медиуми.
Поздравувајќи го поранешниот опозициски пратеник Бени Ганц, кој ѝ се приклучи на владата заедно со неколку членови на неговата партија минатата недела, Нетанјаху кажа дека сите министри работат без престан, со обединети сили.
-Хамас мислеше дека ќе бидеме соборени. Ние сме тие кои ќе го урнат Хамас, рече Нетанјаху, додавајќи дека покажувањето единство „испраќа јасна порака до нацијата, непријателот и светот“.
Израелскиот премиер изјави дека ги видел прекрасните израелски војници кои сега се на линијата на фронтот и дека знаат дека целата нација стои зад нив, јави „Тајмс оф Израел“.
-Тие ја разбираат големината на задачата. Подготвени се во секој момент да дејствуваат, да ги истребат крвавите чудовишта што се кренаа против нас, потенцираше израелскиот премиер.