среда, 17. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Околу 20.000 француски домаќинства без струја поради бурата Фабиен

Околу 20.000 француски домаќинства без струја поради бурата Фабиен

Повеќе од 20.000 домаќинства останаа без струја поради зимската бура Фабиен што го зафати југозападното крајбрежје на Франција и островот Корзика, соопшти операторот на енергетската мрежа „Енедис“.

Според компанијата, станува збор претежно за регионите Нова Аквитанија и Окситанија, каде што силниот ветер искинал многу електрични кабли. Во тој регион без електрична енергија се околу 18.000 домаќинства.

Невремето ја погоди и Корзика. Според податоците на корпорацијата „Електрикс де Франс“, на островот речиси 3.500 домаќинства се без струја веќе две деноноќија.

Во меѓувреме, властите на Корзика одлучија да ги отворат аеродромите Бастија, Фигари и Калви.

Претставници на авиокомпанијата „Ер Корзика“ соопштија дека патниците чии летови биле откажани вчера и завчера можат да ги користат билетите денеска и утре.

Аеродромот „Наполеон Бонапарта“ во Ајачо е затворен од 21 декември, поради големите поплави настанати од поројните дождови.

Бурата Фабиен вчера го погоди југозападниот брег на Франција и островот Корзика. Во Бордо, брзината на ветрот достигна 39,3 метри во секунда, а на крајбрежјето на Баскија до 41,1 метри во секунда.

Националната железничка компанија соопшти дека сообраќајот помеѓу Бордо и Тулуз е во прекин поради паднати дрвја на шините.

Во моментот четири француски региони се во портокалова фаза за опасност. (МИА)