САД во следните недели ќе купат 160.000 тони жито од Украина за гладните во светот, изјави извршниот директор на Светската програма на ОН за храна, Дејвид Бизли.
Тој додаде дека таа пратка е една од неколкуте што Агенцијата на ОН ги планира и е шестпати поголема од првата пратка украинско жито организирана од ОН од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Бисли истакна дека ОН проценуваат дека 22 милиони луѓе во светот гладуваат и дека ситуацијата е особено тешка во Рогот на Африка.
Брод со околу 25.000 тони жито од Украина е на пат кон Африка и се очекува да пристигне во Џибути на крајот на август, од каде житото ќе биде транспортирано по копно до северна Етиопија.
Светската програма за храна на ОН минатата година купи од Украина половина од житото потребно за да нахрани 130 милиони гладни луѓе во светот.