Обединетите нации денеска предупредија дека уште 130 милиони луѓе во светот можат да бидат погодени од хронична глад поради пандемијата на коронавирус.
Во извештајот на ОН се наведува дека само минатата година бројот на гладни луѓе во светот се зголемил за 10 милиони и укажува дека пандемијата ги зголемува слабостите и несоодветноста на глобалниот систем за храна, јавија американските медиуми.
Според прелиминарните проекти, темелени врз увид во светските економски трендови, во извештајот се проценува дека во 2020 година може неухранети да останат меѓу 83 до 132 милиони лица.
Агенциите на ОН проценуваат дека речиси 690 милиони лица, или речиси девет проценти од светската популација, минатата година биле гладни, што претставува зголемување од 10 милиони од 2018 година и речиси 60 милиони од 2014 година.
Во однос на бројките, во Азија живеат најголем број неухранети луѓе, околу 381 милиони, се вели во извештајот.
Африка има најголем процент од популацијата што е неухранета, речиси 20 проценти од населението, откриле истражувачите на ОН.
Авторите на извештајот соопштуваат дека Ковид-19 ја зголемува ранливоста и несоодветноста на глобалните системи за храна, дефинирани како активности и процеси што влијаат на производството, дистрибуцијата и потрошувачката на храна.