среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Озлогласениот белгиски педофил од 90-те бара условно ослободување

Озлогласениот белгиски педофил од 90-те бара условно ослободување

Марк Дитру, еден од најозлогласените педофили во Белгија, уапсен и осуден на доживотна казна, за силување и убиство на најмалку единаесет девојчиња во деведесеттите години, бара да биде условно ослободен и во тој контекст се подготвува да испрати писмо до семејствата на жртвите, соопшти неговиот адвокат.

-Станува збор за писмо на помирување и отворање, изјави адвокатот. Марк Дитру ја признава својата одговорност во смртта на четирите деца иако тој не ги уби директно, правиме чекор кон жртвите, можеби тие ќе сакаат објаснувања, сѐ се разгледува.

Писмото е подготвено и следната недела ќе им биде испратено на родителите на шест девојчиња, од кои две беа убиени, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според белгискиот закон, за условно ослободување затвореникот треба да исполни четири услови: дека бил доволно казнет, дека го сменил однесувањето, дека не претставува повеќе опасност за општеството и дека е способен повторно да се интегрира во општеството.

Првото барање за условно ослободување му беше одбиено на Дитру во 2012. Законски тој има право да бара ваква процедура од 2013 година.

Аферата Дитру е еден од најголемите педофилски скандали во Белгија. Во дворот на Дитру и неговата тогашна сопруга, Мишел Мартин, се пронајдени четири тела на девојчиња: деветгодишните Жили и Мелиса, силувани од Дитру, а потоа изгладнети до смрт од неговата сопруга, додека тој бил отсутен.

Двете други девојчиња пронајдени закопани во неговиот двор се седумнаесетгодишната Ан и деветнаесетгодишната Ефје, киднапирени, силувани и убиени.

Две од неговите жртви, Сабин и Летициа, беа пронајдени живи по повеќе недели тортура и силувања во подрумот на педофилот.

Неизвесно е дали барањето на Дитру има шанси да биде прифатено. Повеќето од семејствата на жртвите повеќе пати во јавноста порачаа дека се спротиставуваат на било каков вид ослободување, а на ист став е најголемиот дел од јавноста во Белгија.