петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Почнува четиридневното сослушување на Кетања Браун Џексон – ќе стане ли таа првата Афроамериканка во Врховниот суд на САД?

Почнува четиридневното сослушување на Кетања Браун Џексон – ќе стане ли таа првата Афроамериканка во Врховниот суд на САД?

Сенатскиот Комитет за правосудство на американскиот Конгрес денеска го почна четиридневното сослушување на судијката Кетања Браун Џексон, која може да стане првата Афроамериканка во Врховниот суд на САД.

На почетокот на својата кариера, 51-годишната Џексон работела како службеничка кај судијата на Врховниот суд, Стивен Брејер, кој на почетокот на оваа година го најави своето пензионирање, со што се ослободува простор за номинација од страна на американскиот претседател Џо Бајден.

Британските медиуми пренесуваат дека демократот Бајден минатата година ја назначи Џексон за судијка во влијателниот Апелациски суд во Вашингтон, откако таа осум години работеше како федерален судија.

Нејзиното четиридневно сослушување во Сенатот почнува денеска, а за нејзиното доживотно назначување е потребно просто мнозинство во телото. Џексон веќе три пати беше потврдена во Сенатот за други функции.

Бајден најави дека ќе внесе различност во Врховниот суд со назначување жени и припадници на малцинствата. Уште во претседателската кампања во 2020 година, тој зборуваше за првата Афроамериканка во ова тело, која дотогаш имаше само двајца судии со темна кожа – сè уште активниот Кларенс Томас, назначен во 1991 година и покојниот Тургуд Маршал, пензиониран во 1991 година. .

За време на сослушувањето за нејзино назначување на сегашната позиција, во април 2021 година, Џексон кажа дека нејзиниот бекграунд, личен и професионален, на судот ќе му „донесе вредност“, а дека расата не влијае врз нејзиниот начин на работа.

– Мислам дека расата не игра улога во тоа каков судија сум била и каков ќе бидам, рече Џексон како одговор на прашањето на републиканскиот сенатор Џон Корнин.

Таа нагласи дека во секој случај зема предвид само „аргументи, факти и закони“.

Доколку биде потврдена, таа ќе стане шестата жена во Врховниот суд и ќе им се придружи на сегашните судии Ејми Кони Барет, Елена Каган и Соња Сотомајор и на пензионираната Сандра Деј О’Конор и на покојната Рут Бадер Гинсбург. (МИА)