Американскиот државен секретар Мајк Помпео во интервју за телевизијата „Фокс њуз“изјави дека не е исклучено Вашингтон никогаш повеќе да не го обнови финансисрањето на Светска здравствена организација.
– Мислам дека Вашингтон никогаш повторно нема да испрати пари на американскките даночни обврзници во СЗО. Можно е да уследи уште поодлучен чекор од овој, посочи Помпео.
Тој додаде дека САД треба посериозно да се посветат на СЗО, како и оти не е првпат да се појавуваат проблеми во Организацијата, што е дел од Обединети нации.
– Тоа е неопходно и потребна е структурна реформа на СЗО, посочи Помпео, но одби да одговори на прашањето дали САД ќе формираат слична организација.
Претседателот на САД, Доналд Трамп на 15 април нареди да се прекине американското финансирање на СЗО, бидејќи е незадоволен од работата на Организацијата во текот на пандемијата на коронавирусот. Тој оцени дека СЗО не ја исполнила својата основна должност и дека за тоа ќе мора да одговара.
Трамп ја обвини СЗО дека промовирала „кинески дезинформации“ за новиот коронавирус, што според него, довело до поголема епидемија.
САД се најголемиот донатор во СЗО. Минатата година оваа држава во СЗО дала повеќе од 400 милиони долари, што е околу 15 отсто од нејзиниот буџет, кој изнесува околу 4,5 милијарди долари.