Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска пристигна во Израел, првата станица од посетата на Блискиот исток, за да го искористи моментот во напорите на американската администрација за нормализирање на израелско-арапските односи.
Помпео во Ерусалим ќе се сретне и разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за неодамна објавениот историски договор за воспоставување дипломатски односи меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во кој посредуваше Вашингтон.
Тема на разговорите ќе бидат и ситуацијата во Иран и Кина.
Договорот меѓу Израел и ОАЕ е клучна историска победа за Трамп, во обидот да биде реизбран за претседател, и претставува одраз на промените на Блискиот исток, каде заедничката загриженост за потезите на најголемиот израелски непријател – Иран, ја надмина традиционалната арапска поддршка за Палестинците.
САД, Израел и Обединетите Арапски Емирати овој месец го објавија договорот за воспоставување дипломатски односи, што, исто така, бара Израел да ги замрзне своите планови за анексија на делови од окупираниот Западен Брег, каде Палестинците планираат да ја воспостават својата идна држава.
Помпео ќе се сретне и со владиниот партнер на Нетанјаху, министерот за одбрана, Бени Ганц, и министерот за надворешни работи, Габи Ашкенази.
По Израел, Помпео ќе ги посети Судан, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, а можни се посети и на некои други места во Заливот, соопшти Стејт департментот. (МИА)