Естонскиот премиер Јури Ратас денеска поднесе оставка поради корупцискиот скандал во врска со овозможувањето државен заем за претприемачот „Порто Франко“. Оваа изјава тој ја даде пред новинарите и на Фејсбук.
– Во политиката, за да ги решите тешките ситуации, треба да направите многу тежок избор. Во сегашната ситуација, врз основа на моите вредности, решив да се повлечам од функцијата премиер на Република Естонија. Оваа одлука е донесена во консултација со одборот и фракцијата на Центристичката партија, како и со моите најблиски колеги. Многу одлуки беа можни, но само еден од нив е исправна, изјави Ратас.
Тој додаде дека ова всушност значи крај на актуелната владејачка коалиција, во која се вклучени и Конзервативната народна партија и Партијата Татковина.
– Центристичката партија размислува да биде дел од естонската политика, како во опозиција така и во коалиција, додаде Ратас.
Генералниот секретар на Центристичката партија, Михаил Корб, исто така, најави дека ќе се повлече од функцијата поради корупцискиот скандал, додавајќи дека тој не се смета себеси за виновен.
Естонскиот обвинител Таави Перн вчера изјави дека Михаил Корб, советникот на министерот за финансии Керсти Крахт, бизнисменот Хилар Тедер и уште други две лица се осомничени во обвиненија за корупција во врска со доделување државен заем на претприемачот „Порто Франко“.
Според обвинителството, Корб се договорил со Тедер дека ќе донира околу еден милион евра за Центристичката партија пред локалните избори, закажани за 17 октомври 2021 година. За возврат, „Порто Франко“, кој е поврзан со Тедер, треба да добие кредит од 39,3 милиони евра од државата за да спроведе проект во развој.
Владата на Естонија го одобри кредитот минатата година за период од шест години со каматна стапка од два отсто. Конкурентите на „Порто Франко“ посочуваат дека стандардната каматна стапка за ваквите заеми во Естонија е десет отсто годишно. Полицијата вчера изврши претрес во просториите на KredEx, преку која беше даден кредитот.
Според естонските медиуми, Хилар Тедер, по одобрувањето на заемот, минатата година направил неколку донации за партијата во износ од околу 60.000 евра.