Либанскиот претседател Мишел Аун денеска соопшти дека неговата земја го одобрила договорот за поморската граница со Израел, постигнат со посредство на САД.
И Либан и Израел тврдат дека имаат 860 квадратни километри од Средоземното Море каде што се наоѓаат полињата за гас.
Договорот за демаркација на поморската граница е постигнат по неколкумесечни преговори со посредство на американскиот претставник Амос Хохштајн и ќе претставува голема пресвртница во односите меѓу двете земји, иако тие официјално се во војна од 1948 година, кога беше формирана еврејската држава.
– Овој индиректен договор ги исполнува либанските барања и ги зачувува сите наши права, рече Аун во телевизиско обраќање.
Тој претходно се состана со техничкиот премиер Наџиб Микати и со претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, кои добија копии од последниот нацрт на договорот претходно оваа недела.
Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот изјави дека двете земји се согласиле „формално“ да стават крај на граничниот спор и дека лидерите на тие земји му рекле дека се подготвени да ги преземат следните чекори.
„Огромно мнозинство“ од министрите на израелскиот кабинет вчера гласаа за договорот. Израелскиот парламент (Кнесет) сега ќе го разгледува документот две недели пред конечното гласање на владата.
Либан се надева дека определувањето на поморската граница ќе го отвори патот за експлоатација на гас, што ќе придонесе за надминување на економската криза во земјата.
– Се надевам дека крајот на тие преговори е ветувачки почеток за поставување на камен-темелникот за економскиот раст што му е потребен на Либан преку експлоатација на нафта и гас, рече Аун, оценувајќи дека тоа ќе придонесе за стабилноста, безбедноста и развојот што и се потребни на земјата.