Кина ја забележа првата инфекција кај луѓе со сојот на птичји грип H3N8, соопштија во вторникот здравствените власти во земјата, но рекоа дека ризикот од негово ширење меѓу луѓето е мал.
Утврдено е дека четиригодишното момче од централната провинција Хенан е заразено со оваа варијанта, откако на 5 април добило треска и други симптоми.
Ниту еден близок контакт не е заразен со вирусот, се вели во соопштението на Националната здравствена комисија.
Како што истакнуваат, детето било во контакт со кокошки и врани кои биле одгледувани во неговата куќа, пренесува Ројтерс.
Варијантата H3N8 претходно беше откриена на други места во светот кај коњи, кучиња, птици и фоки, но не се пријавени случаи на H3N8 кај луѓе, соопшти NHC.
Комисијата соопшти дека првичната проценка утврдила дека варијантата сè уште нема способност ефективно да зарази луѓе, а ризикот од епидемија од големи размери е низок.
Многу различни видови на птичји грип се присутни во Кина, а некои спорадично ги инфицираат луѓето, обично оние кои работат со живина. Минатата година Кина го пријави првиот случај на човек на вирусот H10N3.