четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Русија забрани влез за цивили во окупираниот украински регион Херсон

Русија забрани влез за цивили во окупираниот украински регион Херсон

Лидерот на окупираната украинска област Херсон, назначен од Русија, денеска изјави дека властите им забрануваат на цивили да влезат во регионот во следните седум дена, поради ескалацијата на притисокот од украинската контраофанзива.

Зборувајќи на државната телевизија, гувернерот Владимир Салдо, назначен од Русија, посочи дека регионот има ресурси да се држи до градот Херсон и оти овој потег е потребен за „да се чуваат цивилите безбедни“.

Руските сили на југот на Украина, денеска соопштија дека почнале со евакуација на цивили од Херсон поради напредувањето на украинските војници.

„Организираното префрлање на жителите на другиот брег на реките Дњепар почна во Херсон“, соопшти управата на градот Олешки, источно од Херсон, на Телеграм.

Руските сили кои го контролираат регионот Херсон планираат да евакуираат повеќе од 50.000 луѓе поради украинската контраофанзива, а Русија најави дека ќе обезбеди „безбедна евакуација“.

„Планирана е евакуација на меѓу 50.000 и 60.000 луѓе на левиот брег на реката Дњепар“ во близина на Херсон, наведе претходно денеска Владимир Салдо, шеф на локалната проруска администрација.

Евакуацијата, што треба да се одвива со темпо од 10.000 луѓе дневно, треба да трае шест дена, појасни тој.

Руски медиуми јавија дека евакуираните луѓе би можеле да заминат во Русија.

Рускиот генерал Сергеј Суровикин, кој ги предводи руските сили во Украина, синоќа за телевизијата „Росија 24“ изјави дека руската армија пред сè ќе обезбеди безбедна евакуација на населението од Херсон. Тој додаде дека градот, што Русија го окупираше од пролетта и го анектираше во септември, е цел на украински напади врз инфраструктурата, што може да го загрози населението.