сабота, 2. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

САД го поздравија руско-турскиот договор за Идлиб

САД го поздравија руско-турскиот договор за Идлиб

САД го поздравија постигнатиот договор од страна на лидерите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, за решавање на кризата во сириската провинција Идлиб, надевајќи се дека тоа ќе помогне за деескалирање на ситуацијата, соопшти претставник на Стејт департментот.

– Ја поздравуваме веста за договорот меѓу Турција и Русија, односно прекинот на огнот во Идлиб. Се надеваме дека тоа ќе помогне за деескалирање на исклучително опасната ситуација и ублажување на сериозната хуманитарна криза, истакна тој.

Според него, „САД со нетрпение очекуваат да ги разгледаат деталите за развој на ситуацијата со својот сојузник во НАТО, Турција, која се стреми кон траен прекин на огнот“.

– Сега е важно какви точно дејствија ќе бидат преземени во зоната на воени дејствија од страна на сирискиот претседател Башар Асад и оние кои го поддржуваат. Тоа ќе покаже дали ќе се постигне трајно примирје. Единствен начин за решавање на тој конфликт е воспоставување примирје во целата земја и политичко решение преку преговори согласно резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, смета претставникот на Стејт департментот.

Путин и Ердоган вчера во Москва постигнаа договор за прекин на огнот, кој стапи во сила на полноќ, и низа други мерки за решавање на ситуацијата во сириската провинција Идлиб. Од 15 март Руската Федерација и Турција ќе започнат заеднички патролирања низ автопатот М4 во Сирија од населбата Тромба до селото Аин ал-Хабр. Москва и Анкара се согласија за почитување на суверенитетот на Сирија и продолжување на борбата против тероризмот.