Вашингтон синоќа најави дека ќе даде два милиони долари итна помош за Куба по минувањето на ураганот Ијан, што Хавана ја прифати.
САД му нудат на кубанскиот народ „важна хуманитарна помош“ преку нивната меѓународна агенција за развој и доверливи меѓународни партнери кои директно соработуваат со Кубанците чии заедници беа уништени од ураганот, нагласи Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот во соопштение.
Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез преку твит се заблагодари на американската понуда за хуманитарна помош. Тој рече дека два милиони долари ќе бидат наменети за напорите за реконструкција и поддршка за погодените од ураганот.
Во ударот на ураганот Ијан на Куба на крајот на септември две лица загинаа, причинета е голема штета, а целиот остров остана без струја.