Во пресрет на 20-годишнината од терористичките напади на Ал Каеда врз САД, администрацијата на претседателот Џо Бајден, под притисок на семејствата на жртвите, најави дека ќе објави дел доверливи документи за кои семејствата сметаат дека можат да ја расветлат врската на Владата во Ријад и киднаперите кои ги извршија нападите.
Американските власти во понеделникот ветија дека ќе ги разгледаат доверливите документи поврзани со терористичките напади од 11 септември 2001 година, за да утврдат кој од нив може да биде објавен, бидејќи семејствата на жртвите постојано барале објавување на тие документи.
Федералното истражно биро во писмо до државниот обвинител во Њујорк наведе дека „одлучи да ја преиспита“ својата привилегија да не објави одредени чувствителни документи и дека „ќе идентификува дополнителни информации погодни за откривање“.
Објавата на ФБИ е дел од правната битка што ја водат роднините на жртвите од терористичките напади на 11 септември 2001 година против Саудиска Арабија и други земји за кои сметаат дека се соучесници. За време на тие правни спорови, администрациите на неколку американски претседатели се повикаа на државни тајни за да не се објават документите.
САД се подготвуваат да ја одбележат 20-годишнината од нападот врз Светскиот трговски центар, Пентагон и авионот што се урна во Пенсилванија, со свечена церемонија планирана во Њујорк во присуство на претседателот Бајден.
Долгогодишната тужба против Саудиска Арабија постигна значителен напредок оваа година со испитување под заклетва на поранешни саудиски функционери, но изјавите се недостапни за јавноста, додека САД ги чуваат документите кои се сметаат за премногу чувствителни за објавување.
Министерството за правда во понеделникот изјави дека ФБИ неодамна заврши истрага во која предмет на истрага беа киднаперите на 11 септември 2001 година и потенцијалните учесници во нападот. Министерството не изјави ништо за заклучоците од истрагата.
Неколку истраги на американската Влада истражуваат врски помеѓу саудиски државјани и некои киднапери, но не е утврдено дека саудиската Влада била директно вмешана. Петнаесет киднапери беа Саудијци, како и Осама бин Ладен, чија терористичка мрежа Ал Каеда стои зад нападот. Саудиската Влада долго време негираше каква било вмешаност.
Посебно внимание е насочено кон поддршката што им била понудена на првите двајца киднапери кои пристигнале во САД вклучително и поддршката од саудиски државјанин кој им помогнал да пронајдат и изнајмат стан во Сан Диего.
Одлуката за објавување документи за кои се смета дека ќе ги расветлат врските на саудиската Влада со напаѓачите е донесена откако групата што претставува повеќе од 1.600 луѓе директно погодени од нападите го повикаа Бајден да не присуствува на комеморациите на 20-годишнината од нападот следниот месец, освен ако го исполни ветувањето дека документите за објавување ќе бидат разгледани, објави „Њујорк Тајмс“.
Во изјава минатата недела, група семејства на жртвите и преживеаните велат дека не можат „со добра волја и со почит кон загинатите, болните и повредените“ во нападите, да го поздрават Бајден на комеморациите следниот месец, доколку не го исполни ветувањето од претседателската кампања.
Речиси 3.000 луѓе беа убиени во нападите на 11 септември 2001 година.
Од друга страна, според „Вашингтон пост“, семејствата бараат понатамошни активности за објавување информации за улогата што Саудиска Арабија ја имала во нападите, тврдејќи дека тоа што го направи Министерството за правда не е доволно.