Армијата на САД ги предупреди Амерканците да не подлегнуваат на „лажни СМС пораки“ со погрешни информации дека корисниците биле регрутирани за воена служба.
СМС пораките биле испратени насекаде во земјата.
Според Си-Ен-Ен, лажните пораки давале инструкции како корисниците да се јават во најблискиот регрутен оддел на армијата „за итно заминување во Иран“. Пораката била проследена со предупредување дека корисниците биле контактирани неколку пати и дека „ доколку не одговорите ќе бидете казнети со најмалку шест години затвор“.
Пораките се испратени во време на зголемени воени тензии меѓу Вашингтон и Иран, по американскиот воздушен напад и убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани. Веднаш по ова, Пентагон најави испраќање на дополнителни воени сили во Блискиот исток со илјадници трупи.
Во пораките имало граматички и грешки во пишување и тоа покажува дека не се официјална кореспонденција, велат од армијата на САД. Во некои се наведени реални имиња на команданти на регрутни центри а во некои измислени, изјави Кели Бленд, портпарол на армиската регрутна команда.
-Безбедносните служби на армијата на САД истражуваат како овие пораки биле испратени и во колкав број, истакна Бленд.
Задолжителната воена служба во САД е укината пред повеќе од четири децении.
Групите за заштита на потрошувачките во САД од поодамна повикуваат на запирање на автоматските телефонски повици и спам пораки.
Затоа, претседателот Доналд Трамп минатата недела потпиша закон според кој владните регулатори можат да ги казнуваат создавачите на автоматски пораки и повици, во висина и до 10 илјади долари за нарушување на законот.
Новиот закон дава надлежности на телефонските и мобилни оператори да го откријат лажниот испраќач на порака, а престапниците можат да бидат обвинети врз основа на државни или федерални закони против измама.