САД сакаат да постигнат поширок договор за контрола на своето нуклеарно оружје, не само на стратешкото, изјави американскиот специјален претставник за преговори со Русија за нуклеарното ввооружување Маршал Билингсле, додавајќи дека Кина треба да учествува и во преговорите.
Договорот Нов СТАРТ, потпишан од Москва и Вашингтон во 2010 година, со кој се контролира количината на стратешко нуклеарно оружје на двете најголеми нуклеарни сили, истекува во февруари 2021 година.
Изјавата на Билингсле за вклучување на Кина во преговорите, доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп го побара истото, но Пекинг одбива, бидејќи има многу помалку нуклеарно оружје од Русија и САД. Вашингтон тврди дека Кина тајно го зголемува дострелот и големината на својот нуклеарен арсенал, додека Москва се залага за мултилатерален договор што би можел да ги вклучи Франција и Велика Британија.
– Она што сакам да кажам е дека сè уште не донесовме одлука, рече Билингсле на прес-конференција, одговарајќи на прашањето за можно проширување на Новиот СТАРТ.
Тој вчера го одржа првиот круг преговори со заменикот министер за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков.
Договорено е да се формираат повеќе технички работни групи, додека втората рунда преговори веројатно ќе се одржи кон крајот на јули или почетокот на август, во зависност од напредокот на работните групи.