Претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, одржа прес конференција преку видео врска на која се осврна на состојбата со коронавирусот и последиците со кои ќе треба ЕУ да се справи во иднина, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Ова не е само здравствена криза, туку социјална и економска криза која ќе ги засегне сите наши земји и институциите на ЕУ треба да преземат одговорност, изјави Сасоли.
Европскиот Парламент бара од земјите членки да покажат поголема солидарност и флексибилност во буџетските правила за да се овозможи побрзо закрепнување на претстојната рецесија во ЕУ.
Сасоли порача дека е загрижен за последиците на среден и долг рок, а не само на краток рок.
-Ќе ни биде потребна креативност, нови капацитети, ќе треба да осигуриме вонредни мерки за одговор на кризите, а не само да ги адаптираме постојните инструменти, рече Сасоли, без да даде повеќе детали на кои механизми точно мисли.
Шефовите на држави и влади на ЕУ истовремено одржуваат самит преку видео линк на кој ова ќе биде една од главните теми.
Европскиот Парламент смета дека лидерите треба да преземат одговорност и дека сегашните финансиски и економски инструменти кои се на располагање во ЕУ не се доволни за закрепнување, изјави претседателот Сасоли.