Коалицијата предводена од Саудиска Арабија денеска соопшти дека пресретнала и уништила четири проектили и седум беспилотни летала, кои врз кралството биле лансирани од јеменските бунтовници Хути, кои се поддржани од Иран.
Ракетите и дроновите биле лансирани од главниот град на Јемен, Сана, и биле насочени кон цивилни цели, изјави портпаролот на коалицијата, Турки ал-Малки, пренесен од официјалната Саудиска агенција за печат.
Воениот портпарол на Хутиите, Јехија Сера, во изјава потврди дека бунтовничката група извршила напади врз саудиски воени локации.
Тој дополни дека балистичките проектили и беспилотните летала уништиле голем број воени авиони и други воени цели на аеродромите во Абха, Јизан и Најран, во близина на границата со Јемен.
Саудиска Арабија ја предводи Алијансата за борба против Хутите во Јемен од март 2015 година. (МИА)