Шеесет и двегодишен маж поминал речиси осум дена под урнатините на неговата семејна куќа во Антакија по разорните земјотреси што на почетокот на февруари ги погодија Турција и Сирија.
Хусеин Бербер детално ги опиша ужасните сцени што ги доживеал во деновите по земјотресот, велејќи дека морал да ја пие сопствената урина за да преживее.
Во земјотресот се урнал таванот на 15-катницата, а единствено што го спасиле во станот на приземје биле плакарот и фрижидерот, додека останал заробен во фотелја. Тој раскажал како ползел по станот и нашол шише со вода, но тоа не му било доволно за да преживее, па почнал да вика за да го слушнат спасувачите и да го извлечат. Кога помошта не стигнала со часови, Хусеин решил да уринира во празно шише со вода за да пие подоцна за да преживее, пишува „Дејли Мејл“.
За да не замрзне решил да се завитка во тепих.
– Кога се случи земјотресот, веднаш станав. Внукот спиеше до мене. Погледнав наоколу, син ми го запали светлото, зеде батериска ламба и рече: Тато, има земјотрес! Во вториот земјотрес се сруши таванот, но не ме погоди. Веднаш се склопив и седнав. Ѕидот падна врз фрижидерот и плакарот. Јас останав заглавен меѓу нив – ја раскажа својата приказна Хусеин.
– Еден час подоцна зедов шише вода и го испив. После тоа уринирав во шишето и го оставив да се излади. Ја пиев само кога ќе се олади. Така се спасив – додал тој.
Пет члена од неговото семејство успеале да побегнат кога земјотресот ја погодил областа околу 4 часот наутро. Хусеин конечно беше спасен овој вторник, точно 187 часа по земјотресот, а моментално е во болница.
Докторите му рекле дека е чудо што успеал да преживее сето тоа време.
Потсетувајќи се на моментот на спасувањето, тој рече дека слушнал звук на спасувачки екипи кои се упатиле кон местото каде што бил заробен.
– Не се сеќавам на ништо откако ме извлекоа. Се спасив, излегов и сакав само вода и храна, особено вода. Ништо не јадев – рекол тој.
– Направив добри дела пред Алах за сите, не само за моето семејство. Мислам дека затоа Бог ме спаси – вели Хусеин.