Германија, на почетокот на февруари, нема да може да ги укине сите мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот, соопшти министерот за здравство Јенс Шпан, нагласувајќи ја потребата од дополнително намалување на контактите со цел земјата да се одбрани од позаразниот нов вид на коронавирусот.
-Едно е сега сигурно, на 1 февруари нема да биде можно да се ублажат сите ограничувања што се во сила, рече Шпан денеска за германското радио „Дојчиланд Фанк“, додавајќи дека ќе бидат потребни уште два-три месеци да се видат ефектите од кампањата на вакцинација што се спроведува, пренесуваат британските медиуми.
Германскиот таблоид „Билд“ вчера објави дека канцеларката Ангела Меркел, на состанокот со пратениците од нејзината партија, кажала дека сегашното затворање може да потрае до почетокот на април.
Германскиот кабинет денеска треба да се состане за да ги одобри построгите контроли врз лицата кои влегуваат во земјата, откако минатата недела беше засилена националната блокада и беше продолжена до крајот на јануари.
Новите правила ќе наложат луѓето кои доаѓаат од земји со голем број случаи на зараза или каде што има нов, позаразен вид на веќе циркулирачкиот коронавирус, да направат тест за Ковид-19.
Институтот за инфективни болести „Роберт Кох“ (РКИ) денеска јави за 19.600 нови инфекции, а бројот на смртни случаи се зголеми за 1.060 и сега изнесува 42.637, се наведува во соопштението на институтот.