Шефот на Кризниот штаб, кој ја советува швајцарската Влада во врска со пандемијата, Мартин Акерман побара денеска строг „локдаун“ со цел да се спречи натамошното ширење на коронавирусот, повикувајќи се на апелите на научниците, официјалните претставници и медицинските работници.
– Сметаме дека ни се потребни многу построги мерки колку е можно побрзо, истакна Акерман, кој го предводи независното научно советодавно тело за Ковид-19.
Акерман побара затворање на рестораните и помалку важните продавници, заложувајќи се за „повеќе работа од дома“.
– Загрижени сме дека ќе има повеќе блиски контакти за време на празниците кон крајот на годинава, имаме лоша ситуација, а големи се шансите дека ќе се влоши уште повеќе, нагласи Акерман.
За разлика од соседните земји, швајцарската Влада избегнуваше воведување на уште еден „локдаун“, главно давајќи препораки за доставување храна од ресторани, а баровите и продавниците да работат до 19 часот во поголемиот дел од земјата.
Меѓутоа, поради зголемениот број на заразени, Владата е под голем притисок да воведе заострување на мерките и тоа да го соопшти на следната прес-конференција в петок.
Во изминатите 24 часа во Швајцарија се регистрирани 4.271 новозаразени случаи и 103 починати лица од коронавирус. (МИА)