Вториот бран на Ковид-19 што ја погоди Шведска може да го достигне врвот во средината на декември, соопштија денеска здравствените власти, истакнувајќи дека развојот на настаните ќе зависи од тоа колку јавноста ќе ги следи советите за социјална дистанца.
Како што пренесуваат шведските медиуми, новите инфекции достигнаа рекордно ниво во последниве недели по затишјето во текот на летото, повторно фокусирајќи ја „полесната“ стратегија на државата за борба против пандемијата.
Досега, во Шведска починале 6.622 лица, што е значително повеќе по глава на жител од соседните Норвешка, Данска и Финска, кои се определија за построги мерки во текот на пролетта, но бројките во Шведска се пониски од оние во поголемите европски земји.
Построгите ограничувања кои се на сила од средината на октомври, сепак, можеби помогнаа да се забави ширењето на болеста, а Агенцијата за јавно здравје соопшти дека заразата може да го достигне врвот во следните недели.
Владата и даде задача на Агенцијата да моделира како ќе се развива пандемијата за да им помогне на властите и здравствени служби во планирањето. (МИА)