Шведска, која предизвика полемики поради неприменување на мерки за време на пандемијата, призна дека не гледа знаци на имунитет на стадо и оти расте бројот на новозаразени со коронавирусот.
Андерс Тегнел, творецот на контроверзната стратегија на Шведска без „заклучување“, претходно тврдеше дека Шведска ќе помине подобро од другите земји во вториот бран откако изгради колективен имунитет за време на првиот.
– Прашањето за имунитетот на стадото е тешко. Во моментов, не гледаме никакви знаци на имунитет што го забавуваат вториот бран, рече Тенгел.
Иако Тегнел не отиде толку далеку да каже дека е невообичаена одлуката на Шведска да избегнува карантин и да не советува да се носат маски за лице, премиерот Стефан Лофвен во последните неколку недели зазема значително поинаков пристап. Тој воведе ограничувања на продажбата на алкохол, домашни посети и јавни собири, предупредувајќи дека ограничувањата за патувања можат да бидат следниот чекор.
Правилата во Шведска сè уште се релативно полабави во споредба со другите европски земји, но тие се значителен пресврт од претходните политики кои претпоставуваа дека луѓето доброволно ќе изберат да останат дома и да држат растојание.
Шведска соопшти за рекорден број новозаразени со коронавирусот овој месец, докажувајќи дека земјата не успеа да го избегне вториот бран на епидемијата што го погоди поголемиот дел од Европа.
Во мај, Тегнел предвиде дека бројот на случаи во земјата „веројатно ќе биде прилично мал“ кога на есен ќе пристигне вториот бран, бидејќи голем дел од популацијата веќе ќе биде заразена со вирусот и ќе стане имуна. Од тогаш се појавија повеќе докази кои укажуваат на тоа дека е можно луѓето кои закрепнале од коронавирусот повторно да се разболуваат и оти во некои случаи имунитетот може да трае кратко.