Соборениот претседател на Нигер, Мохамед Базум, ги повика САД и меѓународната заедница да помогнат во обновувањето на уставниот поредок во земјата по минатонеделниот пуч.
Во напис во „Вашингтон пост“, Базум вели дека се обраќа „како заложник“, објави денеска Би-би-си.
Базум предупреди дека пучот, доколку биде успешен, ќе има катастрофални последици за Нигер, регионот и целиот свет.
„Борбата за нашите заеднички вредности, вклучително и демократскиот плурализам и почитувањето на владеењето на правото, е единствениот начин да се постигне одржлив напредок во борбата против сиромаштијата и тероризмот“, наведе Базум во написот.
Базум предупреди за врските на пучистите со руската приватна паравоена група „Вагнер“, која дејствува во други делови од регионот.
„Целиот централен регион на Сахел би можел да потпадне под руско влијание преку групата „Вагнер“, чиј брутален тероризам е целосно демонстриран во Украина“, рече Базум.
Водачите на државниот удар вчера соопштија дека ги повлекуваат амбасадорите на Нигер од Франција, САД, Нигерија и Того. Во соопштението прочитано на националната телевизија, тие велат дека функциите на четворицата амбасадори се „прекинати“.
Амбасадорот на Нигер во САД, Киари Лиман-Тингири, само неколку часа претходно изјави дека хунтата „треба да се вразуми“ и да сфати, како што наведе, дека пучот не може да успее.
Илјадници луѓе вчера излегоа на улиците на главниот град на Нигер, Ниамеј, на мирни демонстрации за поддршка на пучот и критикувајќи ги другите западноафрикански земји за воведување финансиски и трговски санкции кон нивната земја.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно неделава телефонски разговараше со Базум, а САД оттогаш соопштија дека се посветени на обновување на демократски избраната влада на Нигер.
Базум, првиот демократски избран претседател на Нигер, минатата недела беше уапсен од членови на неговата гарда. Лидерот на државниот удар, генерал Абдурахман Тијани, беше назначен за шеф на државата.
Нигер е клучен дел од африканскиот регион познат како Сахел, област која се бори со џихадистите и е опколена од воени режими. Во Нигер има француски и американски воени бази и се смета за клучен партнер во борбата против исламистичките бунтовници. Нигер соработува со европските земји кои се обидуваат да го запрат приливот на мигранти низ Медитеранот, согласни да прими назад стотици мигранти од центрите за притвор во Либија.