Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот украински колега Дмитро Кулеба ќе се сретнат во Турција, потврди руското Министерство за надворешни работи.
Ова ќе биде прва средба меѓу двајцата министри од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, пишува Си-Ен-Ен.
Лавров оди на меѓународен дипломатски форум во Анталија, а таму се планира и средбата со Кулеба, соопшти вчера портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захаров.
Средбата се одржува на предлог на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Според најавата средбата треба да се одржи денеска, а дипломатскиот форум е планиран за утре.
Кулеба изјави дека заминува на разговори со Лавров со силна преговарачка позиција, но очекувањата од оваа средба се воздржани.
– Работиме многу напорно да ги направиме што е можно поефективни преговорите. Искрено ќе кажам дека моите очекувања од преговорите се воздржани. Немам претерани очекувања, но секако дека ќе направиме максимум, рече вчера шефот на дипломатијата на Украина.
Тој истакна дека украинската страна ќе бара воспоставување на прекин на огнот, ослободување на територии и елиминација на хуманитарната катастрофа создадена од руската армија.
Кулеба истакна дека поради херојството на украинските одбранбени сили, неповредливоста на позицијата на претседателот Володимир Зеленски и координираните акции со партнерите за воведување санкции, поддршка на одбраната на Украина и изолација на Русија, тој заминува на овие разговори со силна преговарачка позиција, пренесува Укринформ.
– Ние сме силни, уверени сме и ќе извлечеме максимум во интерес на Украина и на украинскиот народ. Што ќе добиеме на крајот е друго прашање. Зависи, меѓу другото, и од тоа со какви инструкции и директиви г. Лавров доаѓа на овие разговори, рече Кулеба.
Тој изрази надеж дека рускиот министер ќе пристапи кон разговорите „со добра волја, не од пропагандна перспектива, туку навистина со задача да се најде решение како да се стави крај на војната што ја води Русија“.