Едно лице загина денеска кога воз со кој се превезуваа републикански конгресмени од Вашингтон кон Западна Вирџинија удри во камион за ѓубре.
Белата куќа го потврди инцидентот.
– Претседателот Доналд Трамп е информиран за ситуацијата во Вирџинија. Имаме потврда дека едно лице смртно настрадало, а едно е сериозно повредено. Нема посериозно повредени меѓу членовите на Конгресот или меѓу нивниот персонал, се наведува, меѓу другото, во соопштението од Белата куќа.
Во возот се наоѓал и претседателот на Конгресот Пол Рајан, како и членови на семејствата на конгресмените.
Републиканскиот конгресмен Џон Фасо, кој беше во возот, изјави дека го видел камионот кој превезувал ѓубре, со кој се судри возот, и дополни дека ако има повредени, веројатно се луѓе од камионот.
– Мислам дека сите во возот се добро, изјави Фасо. – Не знам со сигурност, тоа е долг воз. Но, најголемата загриженост останува за луѓето надвор, истакна конгресменот.
Од ударот патниците во возот излетале од нивните седишта, но никој не се повредил посериозно.