Жените ќе бидат еднакви во економските права со мажите за нешто повеќе од два и пол века, се нагласува во извештајот на Светскиот економски форум.
Родовата еднаквост ќе се постигне само за стотина години, нагласува СЕФ во својот последен годишен извештај, мерејќи го родовиот јаз во економијата, образованието, здравството и политичката моќ.
Напорите за постигнување еднаквост се стабилно засилени во однос на минатата година, пред се благодарение на поголема политичка застапеност на жените, соопшти СЕФ. Сепак, тие предупредуваат дека политичката арена е областа каде што разликите остануваат најголеми – до рамноправност жените ги делат уште 95 години.
Јазот е најмногу намален во образованието и жените ќе треба да чекаат уште 12 години за еднаквост.
Од вкупно 153 земји, целосна еднаквост на жените и мажите во образованието е постигната во 40 од нив.
Учеството на жените на пазарот на трудот стагнира, а финансиската нееднаквост се продлабочува. Причината е влошување на економиите во развој, што го надмина напредокот кај членовите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Учеството на жените во економијата и нивните можности во таа област се најголемиот извор на загриженост, соопшти СЕФ.
„Ова е единствената област каде што напредокот бележи пад“, посочуваат тие, објаснувајќи дека на жените ќе им бидат потребни 257 години да се изедначат со мажите.
Исланд е на првото место меѓу 153 земји единаесетта година по ред, со вредност на Индексот за еднаквост на жените од 0,877 поени. Вредност од еден бод е целосна родова еднаквост.
На второ место е Норвешка и на трето место Финска, која во извештајот годинава го замени местото со Шведска. Никарагва се наоѓа на петтото место, шести е Нов Зеланд, а Ирска на седмото место. Меѓу 10-те земји со најмала разлика помеѓу жените и мажите се Шпанија на осмото, Руанда на деветото и Германија на 10-то место.
Албанија, Етиопија, Мали, Мексико и Шпанија бележат најголемо подобрување во однос на минатата година.