Бројот на смртни случаи од туберкулоза повторно почна да расте, првпат по десет години, најмногу затоа што пандемијата на Ковид-19 го наруши пристапот до здравствени услуги, соопшти денеска Светската здравствена организација.
-Ова е алармантна вест што треба да послужи како знак за тревога во светот за итна потреба од инвестиции и иновации за да се пополнат празнините во дијагнозата, третманот и грижата за милиони луѓе погодени од оваа болест, која е стара, но може да се избегне и излекува, нагласи генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус во соопштение.
Главната причина е затоа што помалку луѓе се тестирани и лекувани бидејќи ресурсите се пренасочени за борба против пандемијата на коронавирус, истакна СЗО во својот годишен извештај за туберкулоза објавен денеска, а се однесува на 2020 година. Ова е далеку од подобрување бидејќи се повеќе луѓе не знаат дека ја имаат болеста, која е излечива.
СЗО проценува дека околу 4,1 милиони луѓе имаат туберкулоза, но дека таа не е дијагностицирана или официјално потврдена, што е значителен скок во споредба со 2,9 милиони во 2019 година.
Според извештајот, 214.000 луѓе починале од туберкулоза кај серопозитивни лица минатата година (во споредба со 209.000 во 2019 година), а 1,3 милиони починале од туберкулоза меѓу други лица (во споредба со 1,2 милиони во 2019 година). Тоа е вкупно околу 1,5 милиони смртни случаи, што го враќа светот во 2017 година, наведе СЗО.
Пандемијата на Ковид-19 поништи години глобален напредок во борбата против туберкулозата, болест предизвикана од туберкулозен бацил, која најчесто ги зафаќа белите дробови.
Покрај карантините што го компликуваа пристапот на пациентите до центрите за нега, пандемијата има бројни влијанија и врз основните услуги за борба против туберкулоза, бидејќи ковидот ги презема медицинскиот персонал и финансиските и техничките ресурси.
На пример, бројот на луѓе дијагностицирани со туберкулоза се намали на 5,8 милиони во 2020 година, во споредба со 7,1 милиони во 2019 година. (МИА)