Светската здравствена организација (СЗО) денеска испрати покана до експертите да се приклучат на новата експертска група што ја формира оваа организација, со цел да продолжи работата на истражувањето на потеклото на пандемијата на коронавирусот.
Во соопштението на СЗО се наведува дека новата група научници треба да достави независна анализа за досега извршената работа за утврдување на потеклото на Ковид-19.
СЗО објави дека бара околу 25 членови со соодветна професија кои можат да аплицираат до 10 септември.
Исто така, експертите треба да ја советуваат СЗО за неопходните следни чекори, како и да дадат насоки за критични прашања поврзани со потенцијалната појава на други вируси, како што се МЕРС и ебола.
Тимот од меѓународни експерти ангажирани од Светската здравствена организација во март објавија прелиминарен извештај во кој беше оценето како „крајно неверојатно“ дека потеклото на Ковид-19 е поврзано со лабораторија.
Иако научниците сметаат дека вирусот најверојатно се проширил кај луѓето од животни, теоријата дека потекнува од лабораторија е во центарот на вниманието во изминатите неколку месеци.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, минатиот месец изјави дека е „премногу рано“ да се исклучи теоријата за потеклото на вирусот од лабораторија, наведувајќи дека се можни лабораториски несреќи.