Поради сè поголемата загриженост поради нееднаквиот пристап до вакцини против Ковид-19 во текот на пандемијата, се прават планови во Африка да се почне со производство на вакцини.
Првиот центар за производство на мРНА вакцини ќе биде отворен во Јужна Африка, со помош на конзорциум, објави денеска Светската здравствена организација.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса ги поздрави плановите како важен чекор напред на Африка која ќе стане помалку зависна од увезените вакцини.
„Никогаш не доаѓаат. Никогаш не доаѓаат на време“, рече тој. На тоа место ќе се обучуваат и квалификувани работници потребни за производство на вакцините, потенцира тој.
„Ова се одлични вести, особено за Африка, која има најслаб пристап до вакцините“, рече челникот на СЗО Тедрос Гебрејесус.
Центарот може да ги произведе првите вакцини во рок од девет до 12 месеци, ако сè се одвива според планот, најавија од СЗО, од каде додаваат дека потребно е да се договорат детали за пренос на технологија и соработка.
Државите расправаа за укинување на патентот на вакцината, што особено го заговараа Јужна Африка и Индија при Светската трговска организација СТО. Тедрос рече дека бројот на нови случаи во делови од Африка е тројно зголемен или некаде и четири пати зголемен низ неколку недели, делумно поради тоа што многу малку луѓе се вакцинирани.