Првите погреби на загинатите во уривањето на надвозникот во Џенова ќе бидат извршени во сабота.
Според италијанските медиуми, 11 жртви ќе бидат испратени во вечниот дом, а на тажниот чин ќе присуствува и италијанскиот претседател Серџо Матарела. Верската церемонија ќе ја служи архиепископот на Џенова, кардиналот Анџело Бањасмко.
Трагедијата која се случи однесе 42 животи, од кои три се деца. Скоро сто метри пат исчезнале во 15 секунди во понеделникот околу пладне.
Урнатиот надвозник се наоѓа на важен европски правец од Португалија до Турција, и повеќето жртви поминувале по него на пат кон местата на кои требало да го поминат својот годишен одмор.
Секој од загинатите има своја потресна приказна. Едни од нив не стигнале на својот прв работен ден, други на планираниот одмор, а трети на шеталиштата покрај брегот.
Меѓу загинатите е и 32-годишниот анестезиолог од Пиза, Алберто Фанфани кој на пат тргнал со девојката, 29-годишната Марта Даниси од Сицилија. Даниси била медицинска сестра, а нејзината смрт ги шокирала жителите на родниот град Сант’Агата ди Милитело. Се верува дека двојката тргнала кон градот Александрија каде Даниси неодамна е префрлена на ново работно место. Тие одамна сонувале за овој одмор и го планирале до детали, но судбината го прекрати нивниот сон.
Сите најдени тела се префрлени во привремени капели близу урнатиот мост, а само неколку метри понатаму, десетина луѓе ја чекаа веста за своите роднини или пријатели.
Некои од нив, после вестите за уривање на мостот побрзале во најблиската болница, а голем број на корисници на социјалните мрежи го објавиле исчезнувањето на своите пријатели и познаници по пат на Фејсбук и Твитер.
Идентификацијата на настраданите почнала веднаш со помош на накитот кој е пронајден на нив, пирсинг и предмети најдени со телата. Сите најдени детали се споредени со списокот на исчезнати лица, а членовите на семејствата на оваа трагедија, по идентификацијата, се известуваат за тажниот исход.