Талибанците денеска објавија дека почнуваат пролетна офанзива насочена главно кон армијата на САД и нејзините сојузници во Авганистан.
Во соопштението на талибанците објавено на интернет се наведува дека офанзивата наречена „Хандак“ ќе биде „главно насочена кон убивање и киднапирање на американските војници“, додека второстепена цел ќе бидат „внатрешните поддржувачи“ – авганистанската Влада и армија.
Името на офанзивата е од познатата битка кај Хандак од времето на исламскиот пророк Мухамед.
Новата офанзива на талибанците е одговор на новата американска стратегија во Авганистан, што беше објавена од претседателот Доналд Трамп. Новата стратегија вклучува и распоредување на дополнителен број војници во Авганистан.
Талибанците одбиваат мировни преговори оценувајќи дека САД се окупатори, а авганистанската Влада – американска марионета.
МИА