Европските земји имаат 60 дена за да гарантираат дека интересите на Иран ќе бидат заштитени во рамките на нуклеарниот договор, по излегувањето на САД, изјави висок ирански претставник.
– Европејците имаат 45 до 60 дена, за да ги дадат потребните гаранции за заштита на интересите на Иран и надоместување на штетата предизвикана од излегувањето на САД, изјави заменик-министерот за надворешни работи Абас Арагчи на седница на Комисијата за надворешна политика на иранскиот Парламент.
Ова е првпат офовцијален Техеран да се спомене одреден рок за давање гаранции од останатите потписници на нукеларниот договор.
– Ако Европејците не дадат гаранции, лидерите на земјата ќе треба да донесат неопходни одлуки, додаде иранскиот дипломат.
Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф вчера во Пекинг почна дипломатски маратон со надеж да договори „јасна идна рамка“ за нуклеарниот договор по повлекувањето на САД од него, но Техеран сака и гаранции од Европејците за заштита на своите интереси.
Зариф денеска пристигнува во Москва, а потоа ќе отпатува во Брисел, каде ќе се сретне со колегите од Франција, Велика Британија и Германија.
МИА