Вкупно 146 лица се уапсени денеска при судири меѓу средношколските демонстранти и полицијата пред едно средно училиште во Мант-Ла Жоли во парискиот регион.
Како што јави дописникот на МИА, немирите се случија во близина на средното училиште Сен Егзипери, при што беа опожарени и два автомобили.
Уапсените се осомничени за „учество во вооружен собир“.
Според полициски извори, уапсените се пренесени во полициските станици каде ќе биде одлучена нивната понатамошна судбина, односно дали Обвинителството ќе поднесе пријави против нив.
На други места во Франција, исто така, имаше судири во близина на неколку средни училишта во пресрет на најавата за викенд протести на „жолтите елеци“.