недела, 3. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Во САД обвинети 47 лица за кражба на 250 милиони долари од Програма за исхрана на деца во пандемијата

Во САД обвинети 47 лица за кражба на 250 милиони долари од Програма за исхрана на деца во пандемијата

Американското Министерство за правда денеска покрена тужби против 47 лица обвинети за кражба на 250 милиони долари федерални средства наменети за исхрана за време на пандемијата на децата од загрозени семејства.

Според Министерството, откриената шема е досега најголемата парична измама поврзана со Ковид-19 во САД. Обвинетите се соочуваат со децениски затворски казни, а врз основа на повеќе обвиненија, како заговор, фалсификувани трансакции, перење пари и исплата и прием на поткуп.

Според обвинителите, осомничените создале мрежа на фиктивни компании поврзани со невладината организација „Исхрана на нашата иднина“ од Минесота. Со нив тие вршеле злоупотреби со сојузната програма за исхрана на децата, преку која САД обезбедуваа храна за семејствата со ниски примања. Програмата беше проширена на почетокот на пандемијата со вклученост на повеќе организации и сајтови.

Организацијата вклучила огромен број физички лица и организации со свои веб сајтови со назнака дека тие се приматели на финансирање за исхрана на илјадници деца од загрозени семејства.

Иако знаеле дека прават измама, тие продолжувале да поднесуваат нови барања до Одделот за образование на Минесота, кој ја раководел програмата во државата и ги распоредувал средствата, велат од Обвинителството. Според него, парите што ги примале не оделе за исхрана, туку за покривање на лични трошоцим како купување недвижности, луксузни возила и накит.

– Ова е дрска шема од огромни пропорции, изјави на денешниот прес брифинг Ендрју Лугар, окружен обвинител од Минесота.

Според него, обвинетите ја злоупотребиле програмата создадена да обезбеди исхрана за загрозените деца за време на Ковид-19 пандемијата.

– Наместо тоа, тие во прв план ја ставиле својата алчност со кражба на федерални средства во висина од четвртина милијарда долари да купуваат луксузни возила, куќи, накит и крајбрежни недвижности во странство, додаде Лугар.