Десантниот брод на воената морнарица на САД, „Форт Мекхенри“ започна транзит преку Теснецот Дарданели и плови кон Црното Море, соопшти на Твитер прес-службата на шестата воено-морска флота на САД.
-Транзитот на „Форт Мекхенри“ во Црното Море ја потврдува нашата колективна одлучност за обезбедување сигурност во Црното Море и зацврстување на нашите тесни врски со сојузниците од НАТО и партнерите во регионот, се вели во ссопштението.
Воениот брод е опремен со док за пет транспортни чамци, неговата огнена моќ се состои од возушна артилерија и ракетно оружје, и на него служат 500 морнари.
„Си-Ен-Ен“ претходно јави дека САД планираат да испратат свој воен брод на Црното Море како одговор на задржувањето на три украински бродови и нивните морнари од руски сили во Керченскиот теснец, инцидент кој се случи лани во ноември.
Морнарите се сеуште во притвор. Поради овој инцидент украинскиот претседател Петро Порошенко неколкупати ја повика воената алијанса да реагира и да донесе свои бродови во Црното и Азовското Море.
Повеќемина американски сенатори во декември поднесоа резолуција која повикува на на реализација на мултинационална операција „Слободна пловидба“ во Црното Море. САД исто така планираат помош од 10 милиони долари за воената морнарица на Украина.
Во пристаништето на Одеса при крајот на декември пристигна британскиот разузнавачки брод „Еко“. Министерот за одбрана на Велика Британија Кевин Вилијамсон претходно кажа дека со овој потег Лондон сака да изрази поддршка за Украина и да пренесе порака дека „Црното Море не е руско туку меѓународно“.
МИА