недела, 24. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Глупирање

Глупирање

Едноставно станува невозможно да се нотира континуираното глупирањето на Владата на СДС-то, или пак до невкус и одвратност да се поднесе обидот за перење на мозоци кои се обидуваат да го направат врз граѓаните на Македонија, особено врз Македонците.

По принципот „Тази дупка не е дупка“, дури и во се по очигледните побивања на нивните претходни убедувања дека договорите со Бугарија и Грција се врв на дипломатскиот и шармерски успех, овие некадарни, неинвентивни, злобни и мрачни души се обидуваат да не убедат во спротивното. Се обидуваат да најдат вина во секого и во се што не е во контекст на нивната единствена политичка цел (промена на името и уставно редефинирање на Република Македонија) или пак во насока на оправдување на нивната неспособност за создавање услови за економски раст и подобар живот. Секако, тука се натрупуваат безброј отворени прашања и горливи проблеми за граѓаните, од безбедноста лична и јавна секако, криминалот во власта, социјалните прашања, ранливите групи за кои воопшто не се интересираат, здравјето и загаденоста, поскапувањето на основните животни продукти и што ли уште не. Но, не е се тоа клучните предизвици за нив. За СДС-то во спиритуален владеjачки занес важно е да се „избутка“ политичката агенда за редефинирање на државата, а потоа… е потоа, потоа ќе биде  „бегање“. Да токму така, бегање и повторно префрлање на одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ кое повторно ќе се зафати да работи, да гради да помага, бидејќи Македонија и нејзините граѓани ги чувствува како свои, како дел од себе. Не дека нема да има проблеми, не дека нема да има појави на криминал. Тоа е впрочем неизбежно, како што има различни луѓе и карактери, така и криминалот е појава која е константно присутна во општеството и тоа на сите нивоа, но во прашање е желбата и ефективната борба против истиот.

Но, да се вратиме на поентата на оваа колумна. Забележлив е недостатокот на политичко образование кај луѓето од СДС-то. Не зборувам за политикантство и дневно политички, внатре политички и особено внатрепартиски шеми, тука се „цареви“ на манипулацијата на чело со нивниот Минхаузен, зборувам за искуствена и прагматична политичка мисла, преточена во национална политичка стратегија. Тоа пред се подразбира образованост во полето на историјата, филозофијата, политичката филозофија, меѓународните односи, безбедноста, психологијата и методологијата или барем во континуитет читање на стручна литература од овие области. Неопходноста од поседувањето на знаења од вака широк спектар се огледа токму во потребата од создавање на национална стратегија, употребата на емпириското и сознајното или наученото во прагматичната политика. Секако не како орудие за злоупотреба на сопствените граѓани, туку како поддршка во креирањето на реалната политика и остварување на националната стратегија.

Токму во оваа дискрепанца на употребата и осознавањето на емпиријата, сознајното или наученото и препознавањето на политичката прагма во конкретен момент лежи основата во глупирањето на оваа катастрофална влада.

Зарем не научија дека во меѓународните односи не постојат вечни пријатели туку егзистираат исклучиво интересите. Ова многу јасно им го кажа Черчил, поткрепувајќи го со Британското искуство. Дали не научија од историјата дека Грците во целиот свој занес за историско наследство на Стариот век и Византија како единствени наследници, ја наследија лукавоста на „византиските игри“. Дали не ви е јасно дека токму затоа, а како белег на колективна историска меморија и денес во Бугарија Грците ги нарекуваат Византинци. Дали повторно треба да потсетувам на книгата на Љубомир Иванов и другите насловена како „Бугарската политика спрема Република Македонија“, а која е всушност кратка презентација на стратешките цели кон Македонија. Ве замолувам да ја прочитате бидејќи е достапна и на македонски јазик. Се надевам дека барем нешто ќе разберете. Како возможно да се нема историска меморија и тоа колективна за тоа какви се не обиди имало за поништување на Македонската нација и тенденција за државност.

Затоа што СДС-то очигледно не научија и останаа во состојба на глупирање, последиците врз сите нас како граѓани, но најповече врз Македонската нација и државноста ќе бидат големи. Незнам што очекуваа од Каракачанов, од Борисов и од Ципрас и Мицотакис? Дали можеби очекуваа да ја сменат политичката национална стратегија и тенденција кон Македонија и Македонското прашање после повеќе од еден век на нивно суштествување? Тоа значи дека овие од СДС-то се тотални политички слепци кои не носат во провалија. Колку и да се потсмеваме на Бугарите и на Грците со нашите изградени стереотипи од некои времиња, тие и тогаш и пред тоа и сега држави со традиција. Како ја добиле и обновиле нивната државност тоа и не е толку важно, важно е дека во еден историски период се обновиле како држави, воспоставиле свои национални стратегија во чии рамки е и односот кон Македонија и со мали измени на политичко-прагматичното делување во зависност од геополитичкиот миг тие во континуитет делуваат. Како што сето ова глупиранитите од СДС-то не можат да го разберат, затоа што очигледно се неграмотни, така и се обидуваат со своето глупирање сите нас да не направат слепи при очи и глуви при уши. Па така, изјавата на Каракачанов на Ковачев и други официјални лица на Бугарската влада да се обидат да ги минимизираат, а отворената најава од страна на Грција дека нема да го ратификуваат договорот од Преспа да го прикријат дека ете можно е да се ратификува со минимално мнозинство во Грчкиот парламент. Згора на тоа, нели во НАТО требаше да влеземе најдоцна летото 2019, а Пламер излезе со проценка дека тоа ќе се случи на пролет 2020. Што ли ќе се случува следниве 15-16 месеци со оглед на потресите во Европа и тензиите на релација Косово-Србија само Господ знае. Ние ќе си бидеме во вакуум простор со неспособната влада на СДС-то, во економска дупка, со разрушен безбедносен систем и тие ќе продолжат да се глупираат објаснувајќи ни дека „Тази дупка не е дупка“.

Ами нели „живот за сите“?

Заради подобро разбирање на некои денешни состојби на кои упорно предупредувам во моите колумни веќе три години наназад, покрај стратегијата на Љубомир Иванов и другите, на сите вас ви препорачувам да ја прочитате книгата „Источно прашање“ од Фјодор Успенски. Впрочем се работи за книга издадена кон крајот на 19-от век, но која изобилува со архивска градба и факти од дипломатската активност и конкретните записи, анализи и хронологија на дејствувањата на Ватикан, Франција, Полска, Русија и Турција во периодот од половината на 15-от век (падот на Византија) па се до крајот на 19-от век, односно Руско-Турската војна. Во неа особено внимание ќе ви привлече описот на карактерот и „патриотскиот“ или „трговскиот-среброљубивиот“ дух на Грците, Бугарите, Македонците, Власите, Србите и сите оние кои живеат и денес на Балканот и кои се инструмент во решавањето на таканареченото Источно прашање.

На денот на Св.апостол Андреј, првоповикан

и првиот претстојател на Константинополскиот епископски престол

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов