понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Промоција на книгата „Скопје и скопскиот регион“ во „Порта Македонија“

Промоција на книгата „Скопје и скопскиот регион“ во „Порта Македонија“

На 25.12.2018 год. во Порта Македонија се оддржа промоцијата на монографијата Скопје и скопскиот регион во рамките на проектот Македонија полна со живот.

Монографијата Скопје и скопскиот регион е конципирана преку идејата да ги афирмира туристичките потенцијали на градот Скопје и неговата околина со природните убавини, реткости и богатото културно, историско и археолошко наследство, но исто така и да ја презентира урбаната кохезија која што претставува сплет од влијанијата на разновидните градски случувања, настани и фестивали и сето тоа зачинето со духот на богатата мултикултура.

Една од особеностите на монографијата Скопје и скопскиот регион е што нејзината содржина е концепирана во 11 рубрики кои што не водат, не само низ просторните рамки на Скопската котлина, туку не водат и низ патеката на времето. Имено, во рубриката Хронологија на настани во Скопје и скопскиот регион е даден преглед по историски периоди на битни настани кои што го прикажуваат развојот на градот и растот на цивилизацијата на ова поднебје во текот на 5 – 6 илјади години.

Рубриката Општи обележја на градот Скопје и скопскиот регион зборува за името, симболите и легендите на градот, природните карактеристики во градот и неговата околина; потоа рубриката за попознатите скопски археолошки локалитети; рубриката за сите музеи во градот; рубриките за религиските објекти – посебно обработени со опис на позначајните христијански и исламски објекти; во рубриката Скопје помеѓу минатото и сегашноста се споменува за импозантните урбани градби од минатото, старите градски фамилии, првиот трамвај, првиот автомобил, историјата на славното „скопско корзо“ – денешната улица Македонија, Старата скопска чаршија, за историскиот воз Ориент експрес…

Во рубриката Фестивали и манифестации, прикажан е збир на случувања и настани во Скопје што се организираат во текот на целата календарска година , кои што се посебни, дури и единствени по својот карактер, разновидни меѓународни манифестации кои оставаат неизбришлива трага во севкупното културно живеење на градот Скопје и пошироко во државата.

Рубриката за Спорт и рекреација во која се наведени спортските центри и објекти, игралишта и терени во Скопје, тука се посочени и предлог патеки за прошетка во централното градско подрачје, но и во преубавата природа на Скопска Црна Гора и како последна е рубриката Информации плус каде што се застапени практични информации, збогатени со други занимливости за гардот.

Крајната цел на оваа туристичка публикација, е поддршка и проекција на туризмот на градот Скопје и скопскиот регион, со сите свои ресурси што ќе придонесе до побрз развој на туризмот кој ќе биде ставен во функција на комерцијалното туристичко стопанство.

Главен уредник на публикацијата е Милица Светиева