Првичните сознанија на Обвинителството говорат дека во починатото лице во Демиркаписко, кое беше пронајдено во саботата навечер, е пукано со огнено оружје.
Државното јавно обвинителство за МИА наведе дека се чека да се види дали обдукцијата ќе потврди дека е пукано со огнено оружје.
– Основното јавно обвинителство постапува по предметот во врска со пронајденото починато лице. Беше наредена обдукција и вештачење на траги. Предметот е во предистрага. Обвинителството продолжува со постапката, во насока на расчистување на случајот, рекоа од Обвинителството.
Според информациите добиени од Верољуб Додевски, портпарол во СВР Велес, во саботата околу 18.30 часот во Полициската станица Демир Капија било пријавено дека на место викано „Селиште“-Копришница, атар на општина Демир Капија, бил пронајден Ј.Д.(50) од село Тимјаник, неготинско.
– Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Неготино, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција, рече Додевски за МИА.