четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Опашката на бикот

Опашката на бикот

Секојдневно знам да прошетам низ строгиот центар на Скопје. Центарот на градот во голема мерка го смени својот лик од 1991 наваму, посебно изминативе 10 години.

Прифаќам дека естетиката на просторот и направените измени секому не се допаѓаат, и дека проектот со кој се смени изгледот на градот има и свои поддржувачи и противници.

Но, не можам ја да сфатам неодговорноста и деструктивноста да она што е убаво и пред очите на буквално сите и странци и локалци, да се уништува и не одржува.

Насловот лоцира само дел од проблемите. Бикот на ќошот од улица Македонија, кај Пеко, веќе половина година е без својата опашка. Навистина не знам како воопшто некој ја искорнал и скршил, но знаејќи дека имам видено како деца и возрасни висат на истата, како се пентерат на бикот за да се сликаат, како ги тегнат роговите, ништо и не ме изненадува. Знаејќи дека има низ град комунални редари, а дека и на секој ќош има и камери, се прашувам дали некој нешто воопшто работи.

Следно нешто, уште побитно по мене, се фонтаните.

Имате две фонтани на плоштадот Македонија, четири од другата страна на реката на плоштадот Карпошово востание, кај споменикот на Филип, фонтана на плоштадот ВМРО кај бившо Беко, карши Собранието кај споменикот на Прометеј, пред црквата Св. Богородица, плус водоскоците во реката Вардар кои се целосно руинирани и вон функција…

Навистина не знам која е поентата воопшто на нивното постоење ако не работат, не се чистат, одржуваат и функционираат?

Средина е на месец мај. Истите се затвораат кон крајот на октомври, ноември поради зимата и ниските температури. Но да дојде средина на месец мај и се уште да не работат, а луѓето да ги користат како корита во кои фрлаат ѓубре, додека странците да сликаат и да се смеат, за мене е неприфатливо.

Строгиот центар е лицето на Градот. Ретко кој странец оди во Аеродром, Кисела Вода, Капиштец, Тафталиџе, а уште помалку во Чаир, Топанско или  Бутел.

Делот од Музеј на Град Скопје, улица Македонија, двата плоштади од двете страни на Камениот мост, до крајот на Чаршијата се деловите кои секој ги гледа и не претставуваат ко град, а странично делот меѓу Транспортниот центар и Соборниот храм.

Градот и Општина Центар мораат по посветено да се посветат на овој проблем и не смее да има изговори по ова прашање.

Патем, заради своеволието и користењето на плоштадот Карпошово востание како паркинг заради потребите на хотелот кој е на истиот, уништени се огромен број од плочките на пешачката зона. Дали и кој ќе ја санира оваа штета. Не ми е јасно зошто ова се дозволува кога постои и подземна гаража од двете страни, и катна гаража на само 50 метри оддалеченост.

Време е некој да почне да си ја врши работата. Нели зборуваме дека сакаме да сме дел од Европа, да кренеме стандарди, да доаѓаат туристи…?

Да, доаѓаат и ни се смеат. Си правиме лоша реклама, за жал. Вака кон Европа, тешко, драги мои.