петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Распад систем

Распад систем

Сфатив дека со вакво темпо и динамика на глупостите кои се случуваат на нашава ранета и обезличена Македонија, нема логика човек да обработува или анализира само една тема.

Толку материјал нудат општествениве „елити“, што очигледно ќе морам на ваков начин да обработувам по неколку теми истовремено.

Одиме со „шампионите“ за изминатите неколку дена:

 

  1. Прослава на Денот на независноста на Школка. Чија независност? Сфати власта дека тоне секој пат ко ќе каже Северна, па сега решија дека е подобро да немаме име. Премиерот вели имало симболика за да се слави на Школка, пошто сме се отвориле како држава ко школка. Нека му каже некој дека Школката чим се отвори, умира! Ама добро, он и така смета дека со пуштено сидро се оди напред.

 

  1. Прослава на Денот на независноста со собирање празни батерии, мерење на притисок, спортски вежби, Мој ДДВ, скара, влечење јаже, дресирање кучиња… извинете, ама ова збучи ко панаѓур. Видов снимки и слики. Двајца без тројца. Олку народ има редовно секој петок сабота навечер со млади. Во неделата, мнозинство пензионери, партиски активисти на власта. Се смеат, а не знаат зошто. Им се допаднал говорот. Сигурен сум дека 90% од овие, децата им се во странство. Сега знам и дека не избегале од лошата состојба во државата, туку од телиња ко нив. На истите би им порачал да најдат слики од прославата на Денот на независноста на Република Македонија, од 2009 година. Точно пред 10 години. И нека ги споредат двата настани. Толку. Мислам дека кажав се’!

 

  1. Продолжува разградувањето на државата и уништување на системот преку бришење се што е македонско. Еден од туморите на оваа држава е Бирото за развој на образованието. Не знам што развиваат, ама знам дека тонеме и се послаби сме секоја година. Сега ја исфрлиле химната од учебникот за 6то одделение. Браво. Плус гледам секој, во зависност од наставниот јазик учи различни песни. Затоа сме и смрдена, скапана и нездрава држава. Образованието место да сплотува, дели! И тоа од деца. ОД најмлади години. По мене, треба да ја укинат институцијава и да ангажираме странци за да не оправат. Ова е класичен дебилизам и тезгарење.

 

  1. Не знам што работат Агенција за аудиовизуелни медиуми? Како дозволуваат некоја да прибира пари од тука, а да една Арена и Спорт Клуб одат на српски и хрватски? Како? Ги купиле правата и за Македонија? ОК, нема проблем. Капитализам, пазарна економија. Тогаш, државата нека им наложи дека тука јазикот кој се зборува е МАКЕДОНСКИ и само така може да вршат пренос. Ќе си вработат, 5-10 македонски коментатори и тоа е тоа. Одвратно е чувството која игра Македонија, те коментира Хрват и повторува 150 пати Северна Македонија.

 

  1. Докторите стандардно си јадат ќотек. Да, факт е дека неретко има ликови кои се непрофесионални, неетични, забушаваат, дрски се и безобразни, но на таквите никој ништо не им прави. Само им го собира. На крајот ќотек јаде некој доктор кој гине на работа и не знае кај му е главата, а оној тепачот, сите фрустрации кои ги имал во животот, ќе си ги испразни за здравствениот работник. Камери, квалитетно обезбедување и затворски казни за насилниците, драги мои. Пошто ова станува нездраво.

 

  1. Министерство за култура правеле ребаланс. Скратиле огромни пари од заштитата, промоцијата и се она што го идентификува ова поднебје и самата држава. Од друга страна ги дуплирале парите за Фолклорна и сценско уметничка дејност во Албанскиот театар Скопје, од 50 на 100 милиони до крајот на годината. Генијално. Браво. Пофалба за вашите активности. Не знам што да употребам освен цинизам и иронија. Ако! Само напред. Одлично терате. Очекувам уште по генијален предлог буџет за следната година.

 

  1. Ко сме веќе кај културата… Се чека уште колективен договор. Септември оди, а колку што паметам, актуелната власт вети покачување на септемвриските плати. Културњаците се уморни и крајно осиромашени, поготово тие во музејската и ликовна дејност. Фарса е да стручни лица со високо образование се платени помеѓу 300 и 400 евра. Новата министерка рече дека не требало да се поддржуваат непродуктивни дејности. Културњаците не носат профит, но се оние кои се чуварите на идентитетот. Очигледно како е тргнато, не покачување, ништо чудно е да ги намалат или укинат платите. Времето ќе покаже.

Каков почеток на неделата, нели?!

 

Александар Ристевски