понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Ах, таа култура…

Ах, таа култура…

Воглавно, во изминатиот период обработувам теми од различни сфери на општественото живеење, сите освен мојата домицилна, културата. Не дека за неа нема што да се каже, таа во основа е и нај контаминирана, оштетена, нагризана и конфузна. Не ја третирав затоа што ако се почне да се коментира што се не чини или се упропасти, ќе треба цел еден фељтон да се направи.

  1. За почеток, за лажните ветувања. Ако помните на големо беше пишувано за интервенција, заштита, конзервација и пристапност до скопскиот Аквадукт. Не големо беше најавувано, промовирано, претставувано. Не гледам ништо по тоа прашање. Очекувам да го видам Аквадуктот да блесне во цело свое светло да и да одиме на свечено отворање. Ама за жал тоа нема да се случи во догледно време, затоа што евидентно ништо не се прави во врска со истиот.
  2. До каде е театарот во Струмица? Со промената на власта, стангираа работите, нештата тапкаат во место. Обичниот граѓанин, а и уметничката фела, не ја интересира кој го направил проектот, кој почнал, а кој го завршил. Битно е да се заврши и да се стави во функција. По мене е нелогично е државата во градот од каде што потекнува Премиерот, да остави недовршен објект ради каприц, суета или не знам каков изговор. Токму тој објект очекував експресно да се заврши.
  3. Кога ќе се стави во функција Скопското Кале? Кога ќе се привршат објектите на него и изложат артефактите? Би бил вистинска туристичка атракција, сите странци би доаѓале таму, прекрасен видиковец, и можност да се наплати. Нели зборуваме постојано и за туристичка понуда. Топ локалитет, која претпоставувам е закочен само ради нечии политички интереси или сопки. Друго објаснување не гледам.
  4. На минимум се сведени работите околу санацијата и адаптацијата на Спомен куќата на Лазар Личеноски во центарот на Скопје. Претпоставувам некој и тука најде политика. Не можам да сфатам, како финиширањето на спомен куќа во чест на еден од македонските ликовни великани, не е приоритет на било која Влада? Самата куќа, заедно со делата, личните работи и целокупниот етнографски материјал се оставина од самиот автор и неговото семејство за државата. И ова тапка во место.
  5. Не можам да сфатам што се случи со Музејот на град Скопје и објектот на старата Железничка станица. Се сеќавам дека кога се соопшти проектот на Лимак за подземна сообраќајница, објектите позади Музејот и неговата доградба, имаше лавина напади и кон Владата и кон тогашните градски власти. Иницијалниот проект предвидуваше надворешна доградба на објектот прашањето беше дали ќе го гради истиот објект Градот или инвеститорот, неговата внатрешна намена, и дали надворешно ќе изгледа идентично или ќе претрпи одредени измени. Да не заборавиме, објектот беше под заштита. За на крај, сите да си легна во брашното, а последната верзија на проектот целосно да го загради од три страни објектот без можност за интервенција или враќање на оригиналниот изглед. Јавните критичари сега нигде ги нема, не рекоа ни збор. Битно им се смири душата кога повторно се појави стиропорната порака од Тито, по земјотресот. Тоа е!
  6. Навистина ме интересира што се случува со Археолошкиот музеј? Одредени написи во медиумите и муабети кои кружат се дека се растура поставката, дека се тргаат предмети од истата, и дека дел од артефактите се враќаат во музеите низ државата од кои се донесени. Која е целта и поентата на тоа, искрено, не можам да сфатам?!
  7. Јасна делба на тоа што е Завод и Музеј. Заводите треба и мора да бидат независни тела од самите Музеи, строго под државна рамка и централизирани на државно ниво , додека Музеите имаат сосема друга активност, пред се изложбена и промотивна, во кои треба да раководат менаџери кои квалитетно ќе ги промовираат артефактите и делата, пред општата јавност.
  8. Во време кога на големо државата ја тресат скандали за криминал, злоупотреби, судења и афери, јавноста  е преокупирана со се’, само не со култура. Токму сега се вршат обиди за туркање на нов Закон за култура, а во подготовка е и Закон за заштита на културно наследство. Проблемот е еден и ГОЛЕМ. Пишуван не е за да ја подобри или унапреди културата, туку да во иднина биде во функција на тие кои го изготвиле. Слаб, со многу правни контрадикторности и недоследности, но и решенија кои по мене, повеќе се во интерес на одредени таргет групи, отколку на севкупната јавност. Да се разбереме, трансформацијата и процесот на децентрализација на културата е неминовен и неизбежен на среден рок, пред се кога се домовите и центрите за култура, потоа дел од театрите, но и помалите музеи. На како тоа се ќе се изведе, кои се ќе бидат заштитните механизми, што ќе се смета за национален интерес и како истиот ќе се поддржи, треба сеопфатна анализа, а не форсирано и без широка дебата.
  9. Законот за заштита на културното наследство е по мене еден од клучните закони за самата МАКЕДОНИЈА. Земја сме со огромно културно богатство, толку големо што реално немаме ни финансиски, ниту човечки и стручен капацитет, да го зачуваме, истражиме, заштитиме и промовираме.  Било какви избрзани решенија ги довеле до ненадоместлива штета, затоа апелирам истиот да се изготвува споро, темелно и квалитетно за да не се нанесат ненадоместливи штети. Следен чекот е и работа на заеднички истражувачки проекти со странски научни институции, затоа што само така ќе добиеме и финансиска, и стручна, и техничка поддршка, а реално и побрзо сознанијата ќе доживеат меѓународна верификација.
  10. За крај на ова мое писание, ова последното кое го споменав.  Не вложуваме во кадрите. Ниту во тие кои се веќе во Институциите, ниту пак во иднината. На Филозофскиот факултет на студиските групи по историја, археологија, историја на уметност, класичните студии, како и на студиите па етнологија и антропологија на ПМФ, студентите се бројат на раце, и секоја година со се послаб квалитет. Неретко се примаат несоодветни кадри кои се примени за едно, а работат друго, или пак ги задоволуваат само некои основни критериуми, додека тие кои вредат извисуваат. Сличен е примерот со реставратори, конзерватори, статичари, архитекти кои се неопходни, а во кои мора да се вложат неколку години за да се обучат, остручат и да им се пренесе знаење.

Крајно време да се престане со делбите и изговорите, со тезгарењето, и да се фатат сите за работа, ако сакаме култура на здрави нозе. Ако не, како што тргнало и за неа ќе добиеме принудна управа од надвор во догледно време.

Александар Ристевски