САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко решение за прашањето за името. Единственото решение ќе биде заедничкото решение. Македонија презеде големи чекори напред во ангажирањето во преговори со нејзините грчки соговорници и ова е одлична можност за доаѓање до решение. Многу е важно двете држави да продолжат со преговорите.
Ова го порача американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
Што се однесува до НАТО и престојниот Самит на Алијансата, нагласи дека поканата за членство не е поврзана со точен датум или настан.
– Но, мислам дека можеме да направиме се што можеме за да го одбележиме напредокот и заложбите на САД кон Македонија за да стане членка и на НАТО и на ЕУ. Ова е наша заложба долги години и не е врзана со конкретен датум или настан, рече Мичел.
Тој додаде дека САД ја поддржува Македонија во нејзините евроатлантски аспирации и нагласи дека вратата кон НАТО останува отворена и оти стојат зад поканата упатена на самитот во 2008 година.
На новинарско прашање дали Вашингтон директно ќе се вмеша во преговорите за името, Мичел рече дека САД се ангажирани и ќе продолжат да бидат ангажирани во процесот, но оти двете држави треба самите да дојдат до решение. (МИА)